Потекло на името
Според Марко Цепенков до престолнината на Кралe Марко Варош почнале да се доселуваат луѓе и да градат куќи кои биле прилепени до ѕидините на Варош. Новиот град изгледал како ПРИЛЕПен на Варош па оттаму го добил името Прилеп.
Историја
Градот Прилеп и воопшто населби на подрачјето на поширокиот прилепски регион, датираат уште од антиката, како што е археолошкиот локалитет Стибера, кај селото Чепигово. Денешната местоположба на градот Прилеп потекнува од раниот среден век, кога Прилеп бил многу важен трговски и воено-стратегиски град. Токму во градот Прилеп, по катастрофалниот пораз на самуиловата војска во Беласичката битка, 1014 година, кога ги видел своите ослепени војници, царот Самиул починал од срцев удар. По смртта на Самуил 4 века подоцна, во 1371 година, Прилеп станал престолнина на средновековниот македонски феудален владетел Крале Марко (познат по своите надприродни сили и моќи, во народните преданија и приказни), кој и по доаѓањето на Турците се до неговата смрт во 1395 година владеел со Прилеп и поширокиот регион на западна и југо-западна Македонија. Со доаѓањето на Турците, Прилеп од високоразвиен трговски град, се преориентира кон селското производство особено на тутун. Во Прилеп во 1564/65 година ќе се случи и првиот поголем бунт на македонскиот народ кон неподносливата турска власт, кога незадоволните Мариовци, ќе направат голем протест, проследен со нереди пред судот во Прилеп. Во XIX век, во Прилеп учителствувал големиот македонски преродбеник и собирач на народно творештво Димитар Миладинов, заедно со својот помошник Рајко Жинзифов и токму во овој период во контакт со Миладинов, Марко Цепенков (роден прилепчанец) ќе ја прифати идејата на преродбеникот за собирање на македонското народно творештво. Илинденското востание ќе има силен одглас во прилепско, а со борбите раководеле познатите прилепски војводи Петар Ацев и Крсто Гермов-Шаќир војвода. По Балканските војни и поделбата на Македонија, Прилеп крајно разурнат и разорен ќе влезе во рамките на кралството Југославија. Во Втората светска војна, токму во Прилеп на 11.10.1941 година со нападот на бугарската полициска станица ќе започне антифашистичкото народно востание против окупаторската власт. Поради големиот број на борци и жртви, кои Прилеп ги дал во Втората светска војна, градот по војната го добил епитетот „град херој“.
Население
Градот Прилеп има поволна демографска слика, бидејќи бројот на неговото население бележи константен прираст од околу 1000 жители на секој попис. Според пописот од 2002 година, во Прилеп живеат 66.246 жители и тоа:
Македонци | 61.320 | 92,56% |
Роми | 4.372 | 6,60% |
Срби | 151 | 0,22% |
Турци | 123 | 0,18% |
Албанци | 21 | 0,03% |
Власи | 16 | 0,02% |
Бошњаци | 17 | 0,02% |
останати | 226 | 0,34% |
вкупно | 66.246 |
Стопанство
Прилеп е центар на производство на високо квалитетен тутун и цигари, метало преработувачка, електронска, дрвна, текстилна, прехрамбена и мермерна индустрија (рудникот “Сивец“).
Тутунот е еден од Прилепските традиционални култури што успева во Македонската клима. Многу од големите светски производители на цигари го користат Прилепскиот тутун откако ќе се обработи во нивните локални фабрики. Кога во Прилеп бил основан Институтот за Тутун за креирање на нови видови тутун, тоа било прв пример за примена на генетиката во земјоделството на Балканот. Повеќето жители на Прилеп опстојуваат со производство на тутун.
Покрај тутуно-производството во Прилеп, од големите индустриски претпријатија работат, индустријата за висока технологија, повеќе фабрики за мебел, градежни материјали и воена опрема.
Нема коментара:
Постави коментар